Македонски фудбал Фудбал

Дерби во Скопје, Воша најавува максимален ангажман против Шкендија

Струга Трим Лум со голема мотивација го очекува дербито против Шкендија во четвртото коло од Првата македонска лига. По успешниот настап против Вардар, стружани влегуваат со дополнителна самодоверба, но и со јасна цел, да продолжат со добрите резултати.

Пред натпреварот своите очекувања ги сподели Арби Воша, кој потенцира дека фокусот во тимот е целосно насочен кон подготовката за дербито.

„Шкендија има квалитетен тим, но ние сме фокусирани на нашата работа и сакаме што подобро да се подготвиме. Во вакви натпревари секој мора да го даде максимумот за да се надеваме на позитивен резултат“, изјави Воша.

Фудбалерот на Струга го поздрави и терминот на одигрување, особено поради високите температури во овие денови. Дуелот ќе се игра во вечерен термин, што според него ќе им овозможи на фудбалерите да играат во подобри услови.

„Ова е правилна одлука. Во Скопје температурите ќе бидат пониски во вечерниот термин, што е добро и за нас и за навивачите. Ќе можеме да го дадеме максимумот на теренот“, додаде Воша.

Атмосферата во таборот на Струга, според него, е на високо ниво, а подготовките минуваат без проблеми.

„Атмосферата е многу добра, работевме цела недела со максимален фокус. Тимот е во добра форма и имаме доверба во работата што ја правиме“, порача Воша.

Шкендија и Струга Трим Лум ќе се соочат денеска на стадионот на ФФМ во 19:00 часот, во дербито од четвртото коло на македонскиот шампионат.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.