По осум години пауза и тежок период во кој се бореше меѓу втората и третата лига, Депортиво Ла Коруња се врати во елитното друштво на шпанскиот фудбал. Предводен од тренерот Антонио Идалго, некогашниот шампион на Шпанија го искористи летниот преоден рок за да состави конкурентен тим, но и да ја задоволи избирливата публика на „Риазор“.
По пристигнувањето на имиња како Пјер-Емерик Обамејанг, Адама Траоре и Анхелињо во текот на летото, клубот од Галиција во самиот финиш од трансфер-пазарот ги договори последните две големи засилувања, Хосе Марија Хименез од Атлетико Мадрид и Марк Касадо од Барселона.
Искусниот уругвајски дефанзивец Хименез пристигнува во Ла Коруња на едногодишна позајмица, откако Диего Симеоне реши да ослободи простор во буџетот за плати. Според договорот, Депортиво ќе покрива 40 проценти од неговите примања.
Од друга страна, младата надеж на Барселона, Марк Касадо, ги одби понудите од Бајер Леверкузен, РБ Лајпциг, Бешикташ и клубовите од Саудиска Арабија, избирајќи да остане во Шпанија. Тој исто така пристигнува на едногодишна позајмица на „Риазор“, каде што се очекува да биде еден од носителите во средниот ред.

