Денвер Нагетс покажува сериозен интерес во своите редови да го доведе еден од најдобрите стрелци во 21 век, ДеМар Дерозан, но финансиските ограничувања се огромна пречка за реализација на овој трансфер. Според информациите на новинарот Брет Сигел, франшизата од Колорадо во моментов може да му понуди само ветерански минимум од 3,9 милиони долари, што не ги задоволува апетитите на 37-годишниот кошаркар.
Шесткратниот Ол-стар зад себе има уште една квалитетна сезона во која бележеше по 18,4 поени, 2,9 скокови и 4,1 асистенции по натпревар, па затоа бара договор во вредност од околу 8,9 милиони долари. За ваков финансиски пакет е подготвен Мајами Хит, кој во моментов е во сериозна предност во трката за неговиот потпис.
Доколку Денвер некако не успее да ослободи простор во буџетот за плати, Никола Јокиќ ќе остане без планираното засилување во нападот. Дерозан во својата богата НБА кариера има постигнато 26.711 поени, со што моментално се наоѓа на 18-то место на вечната листа на стрелци и има реални шанси следната сезона да влезе во Топ 15.

