Дејвид Бекам би можел да стане дел од новата сопственичка структура на францускиот Нант, кој се наоѓа во една од најтешките периоди во поновата историја на клубот. Според информациите на „Ouest-France“, за осумкратниот шампион на Франција веќе има најмалку три конкретни понуди. Две од нив се поврзуваат со британски инвестициски фондови, а во разговорите на највисоко ниво повеќепати се споменувало и името на поранешниот англиски репрезентативец.
Засега не е прецизирано дали Бекам би бил директен инвеститор, дел од конзорциум или би имал друга улога во евентуалното преземање. Англичанецот во моментов е еден од сопствениците на Интер Мајами, но неговото име веќе неколку пати било поврзувано со обиди за вложување во европскиот фудбал.
Интересот за Нант доаѓа во момент кога клубот минува низ сериозна криза. Тимот минатата сезона испадна од Лига 1, а стартот во второлигашката конкуренција е далеку од посакуваниот. Нант загуби на првите три натпревари и се најде на самото дно на табелата, што дополнително го зголеми незадоволството кај навивачите. Лошите резултати веќе доведоа и до тренерска смена, откако Мишел Дер Закарјан го напушти кормилото.
Клубот од 2007 година е во сопственост на полскиот бизнисмен Валдемар Кита. Под негово раководство Нант двапати испаѓаше од елитата – првпат во 2009 година, а потоа и оваа година. Во изминатите 19 години низ тренерската позиција поминале дури 24 стратези, што дополнително ја отсликува нестабилноста во клубот. Сегашната ситуација би можела да доведе до промена на сопственичката структура. Кита наводно е подготвен да разгледа можност за продажба, а меѓу заинтересираните страни се појавуваат и инвеститори од Велика Британија.
За Бекам, пак, ова не би бил прв контакт со луѓе заинтересирани за преземање на Нант. Неговиот адвокат уште пред две години одржал состанок со претставници на „Le Collectif Nantais“, локална иницијатива составена од бизнисмени и навивачи која се обидуваше да најде начин клубот да биде откупен од актуелните сопственици.

