Повлекувањето на Том Аспинал од тешкашката категорија поради сериозна повреда на окото навидум отвори чист пат за Сирил Ган конечно да се искачи на самиот врв во УФЦ. Со оглед на тоа што Французинот веќе го поседува времениот појас, востановената пракса во вакви ситуации налагаше негова автоматска промоција во апсолутен и неприкосновен шампион.
Сепак, првиот човек на најмоќната ММА организација во светот, Дејна Вајт, брзо ги згасна тие очекувања и донесе одлука која донесе целосен пресврт. Вајт децидно порача дека УФЦ нема намера да му ја врачи шампионската круна на Ган на „златна тацна“ без нова бескомпромисна борба во кафезот.
„Нема едноставно да го промовираме во шампион. Тој сè уште мора да излезе во октагонот и да се избори за тој појас“, кусо и јасно порача Вајт.
Оваа одлука го става францускиот борец во необична и незавидна позиција. Наместо планираниот меч за обединување на титулите, Ган ќе мора уште еднаш да влезе во ризик за да го потврди својот статус. Иако официјалниот противник сè уште не е потврден, во редот за шампионска шанса веќе чекаат опасните Александар Волков и Сергеј Павлович, додека како спектакуларна опција во позадина се споменува и потенцијален реванш со Алекс Переира.

