По повеќе од една и пол година надвор од фудбалските терени, Дејан Кулушевски конечно ѝ се враќа на играта. Шведскиот репрезентативец со македонско потекло, го зазема своето место во тимот на Тотенхем за претстојниот дуел против Ковентри Сити, со што става крај на мачната пауза што траеше дури 526 дена.
Последен пат кога Кулушевски заигра на официјален натпревар беше уште во мај 2025 година, кога на дуелот против Кристал Палас мораше предвреме да го напушти теренот во 19. минута. Специјалистичките прегледи тогаш дијагностицираа сериозна повреда на чашката на десното колено, по што следуваше исклучително комплициран и долг процес на рехабилитација. Неговата голгота се продолжи поради дополнителни операции на рскавицата и артроскопски зафати, кои го оддалечија од целата претходна сезона, финалето во Лига Европа и настапот за Шведска на Светското првенство.
Во меѓувреме, во Тотенхем се промени речиси сè, од раководната структура до клупата, каде што по Постекоглу и неколку привремени решенија, конечно пристигна Роберто Де Зерби. Иако Кулушевски уште на крајот од август се врати на целосните тренинзи, италијанскиот стратег одлучи да не ризикува со брзање и трпеливо го чекаше конечниот сигнал од медицинскиот тим.
„Ова е веројатно најпрекрасната вест уште од мечот со Евертон. Дејан помина низ премногу тешки моменти и страдаше навистина долго. Кога вчера му соопштив дека конечно ќе биде во тимот, неговата насмевка беше непроценлива“, изјави Де Зерби на прес-конференцијата.
Откако пристигна од Јувентус во јануари 2022 година, Кулушевски забележа 146 настапи, 25 погодоци и 30 асистенции во дресот на лондонските „спарси“. Сега пред него претстои најголемиот предизвик, да го врати препознатливиот ритам по речиси 18 месеци отсуство од терените.

