Според пишувањето на италијанскиот спортски весник „Ла Газета дело Спорт“, обвинителството во Милано отвори истрага против Алесандро Бастони. Дефанзивецот на Интер и на италијанската репрезентација се соочува со сериозни обвинувања за наводна малолетничка проституција. Истражителите веќе ги анализираат пресретнатите телефонски разговори меѓу фудбалерот и една агенција за таленти. Бастони треба да се појави пред надлежниот обвинител во петок.
Истрагата е фокусирана на агенцијата „Мајд“, која наводно организирала приватни забави за богати клиенти, спортисти и бизнисмени. Фудбалерот на Интер е првиот осомничен кој е официјално повикан на сослушување во овој случај. Спорните разговори датираат од 2020 година, а како посредник во контактите се споменува тогашниот агент Антонио Саламоне.
Обвинителството се сомнева дека тогаш 17-годишната девојка поминала ноќ во домот на Бастони како дел од платен однос. Младата девојка веќе даде своја изјава пред истражните органи. Таа потврди дека била во куќата на фудбалерот, но целосно негираше какви било сексуални односи.
Покрај Бастони, во полиција како сведоци се повикани уште неколку познати италијански фудбалери. Даниел Малдини, Рикардо Калафјори и Кевин Бонифаци ќе дадат изјави во својство на лица запознаени со настаните. Ниту еден од нив во моментов не е под официјална истрага.

