Кошмарот за Манчестер Јунајтед продолжува со уште пожесток ритам. Само неколку дена по разочарувањето во градското дерби против Манчестер Сити, избраниците на Мајкл Керик претрпеа нов тежок удар пред сопствената публика. Иако имаа блиц-криг старт и предност од 2:0 уште во 10-тата минута, „црвените ѓаволи“ дозволија тотален колапс и со пораз од 2:3 против Брајтон предвреме ги завршија настапите во Англискиот Лига куп.
И покрај тоа што двајцата менаџери излегоа со комбинирани состави, домаќините тргнаа фуриозно. Младиот Гејб Лејси ја отвори серијата по асистенцијата на Јури Тилеманс, а веќе во следниот напад Мејсон Маунт ја заби одбиената топка под пречката за убедливи 2:0. Но, наместо рутински да го доврши ривалот, Јунајтед нагло се повлече. Брајтон го искористи падот на темпото пред паузата, најпрво Јалкује ја погоди стативата, а во судиското продолжение Харалампос Костулас намали на 2:1 и ги врати гостите во живот.
Она што следуваше во второто полувреме беше вистинска доминација на еден тим. Разгоропадениот Брајтон целосно ја презеде иницијативата на теренот, Паскал Грос израмни на 2:2, а комплетниот шок пристигна во 70-тата минута кога Максим Де Кејпер го погоди патот до мрежата за 2:3.
Во очајнички обид да го спаси мечот, Керик ги испрати на теренот Бруно Фернандеш, Куња, Мбеумо и Меину, но Брајтон продолжи да реди колосални шанси. Доколку на голот на домашните не беше сигурниот Карл Дарлоу со неколку врвни интервенции, поразот на Јунајтед ќе биде уште поубедлив и поболна лекција.
Во останатите дуели од Лига купот, Астон Вила преку Тами Абрахам го елиминираше Ковентри, Евертон го преслуша Вулверхемптон со погодокот на Алкараз, додека најголемото изненадување на вечерта го приреди Флитвуд, обезбедувајќи сензационален пласман во осминафиналето.

