Големите имиња и скапите засилувања сами по себе не гарантираат успех, а новиот тренер на тимот, Роберто Де Зерби е свесен дека пред него има сериозна работа во создавањето на вистински колектив. Италијанскиот стратег призна дека екипата на Тотенхем има значителен квалитет во составот, но потенцираше дека потребно е време за новите фудбалери да се вклопат и да почнат да функционираат како целина. Според него, не е возможно тим да се создаде само со доведување звучни имиња, како што тоа често се прави во популарната игра „Фудбал Менаџер“.
И покрај разочарувањето од конечниот резултат од натпреварот против Нотингем Форест вчера (0-0), тренерот изрази задоволство од начинот на кој неговите избраници се претставиле на теренот. Особено го нагласи фактот дека тимот практично започнал да работи во комплетен состав само неколку дена претходно.
„Мораме да напредуваме во секој сегмент од играта – и во организацијата со топката и без неа. Сепак, мислам дека дефанзивно изгледавме многу добро. Со топката успевавме да пронајдеме решенија, но можеме значително да бидеме подобри во последната третина“, посочи Италијанецот.
Тој се осврна и на Михajло Мудрик, кој пристигна на позајмица од Челзи и допрва треба да се адаптира на новата средина. Тренерот смета дека украинскиот крилен напаѓач не треба веднаш да биде ставен под притисок, бидејќи за него се потребни време и дополнителна работа. Воедно, тој го спомена и Матиc Тел, кој исто така располага со огромен потенцијал, но според тренерот сè уште има простор за напредок, особено во изборот на решенијата во играта. Пораката е јасна – квалитет има, но за да се претвори во успешен тим ќе бидат потребни трпение, работа и добра организација.

