Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Де ла Фуенте уверува: Јамал ќе биде подготвен за Мундијалот!

Шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте ги смири навивачите на „Црвената фурија“ и јавно ги отфрли стравувањата дека тинејџерската сензација на Барселона, Ламин Јамал, би можел да го пропушти претстојниот Мундијал поради повредите на препоните и бутниот мускул кои ги влече уште од април. Покрај него, со слични фитнес проблеми се соочуваат и Нико Вилијамс и Виктор Муњос, поради што ова офанзивно трио остана во тренинг кампот на репрезентацијата во Чатануга, Тенеси, за да ги финализира своите рехабилитациски процеси, наместо да патува со тимот за Мексико.

Поради овие превентивни мерки, трите клучни алки на Шпанија ќе ја пропуштат вечерашната последна контрола против селекцијата на Перу во градот Пуебла, но кормиларот на националниот тим уверува дека медицинскиот тим работи според однапред зацртаниот план.

„Доколку нема некои непредвидени компликации во следните денови, очекуваме сите да бидат во комбинација за 15 јуни. Најважно од сè е што роковите за закрепнување целосно се почитуваат и процесот тече одлично, па тие дефинитивно ќе бидат со нас и подготвени да земат учество во одреден дел од премиерниот натпревар“, истакна Де ла Фуенте за агенцијата „Ројтерс“.

Предводникот на Шпанците дополнително нагласи дека генералната проба против Перуанците се сфаќа со максимална сериозност и без нималку потценување, со оглед на тоа што „Ла Роха“ сака со триумф да го најави својот мундијалски поход. Шпанија официјално го отвора Светското првенство на 15 јуни во Атланта против Зеленортска Република, по што во рамките на групата следуваат и сериозните тестови против Саудиска Арабија и Уругвај.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.