Шпанија е подготвена за големото финале на Светското првенство, а селекторот Луис де ла Фуенте порача дека неговата репрезентација ќе настапи без притисок и со целосна верба во сопствените квалитети. „Црвената фурија“ ќе се обиде да ја освои првата светска титула по триумфот во 2010 година, но на патот стои актуелниот шампион Аргентина.
Де ла Фуенте очекува спектакуларен натпревар меѓу две селекции кои негуваат напаѓачки и технички фудбал.
„Ова се две репрезентации од највисока класа со многу сличности. Верувам дека квалитетот, талентот и добриот фудбал ќе бидат пресудни во финалето“, изјави шпанскиот стратег.
Тој се осврна и на споредбите меѓу Ламин Јамал и Лионел Меси, потенцирајќи дека аргентинската ѕвезда е уникатна.
„Меси е единствен. Ламин треба да остане тоа што е и наша задача е да му помогнеме да продолжи да се развива без непотребен притисок“, истакна Де ла Фуенте, додавајќи дека младиот офанзивец е целосно подготвен за настап во финалето.
Шпанскиот селектор нагласи дека неговите играчи без проблем се адаптирале на условите на Мундијалот и дека атмосферата во репрезентацијата е одлична во пресрет на најважниот натпревар на турнирот.

