Предводникот на хрватската фудбалска репрезентација, Златко Далиќ, во опширно интервју за „РТЛ“ отворено говореше за предизвиците на Светското првенство 2026, одговарајќи на критичарите кои постојано ја потенцираат староста на неговиот тим.
Далиќ потенцираше дека премиерниот дуел против Англија ќе го одреди целиот натамошен тек на првенството:
„Мечот со Англија ќе биде најтежок, тој го трасира патот. Англичаните со години сонуваат за врвот, имаат нов селектор и нови идеи, но одлично ги анализиравме. Контролните мечеви ми ги дадоа сите одговори и веќе го знам стартниот состав. Не се плашиме од никого.“
И покрај тоа што двапати беа на чекор до светскиот трон, тој е горд на статусот на Хрватска во светски рамки:
„За жал, двапати ни побегна златото, иако бевме премногу блиску. Многу земји имаат подобра инфраструктура и поголем избор на играчи, но ние се бориме со талент и заедништво. Сите нè нарекуваат чудо, и во право се. Од 2018 година нè етикетираат како „стари“, но во овој век, само ние, Франција и Германија имаме најмногу медали. Англија нема одличје веќе 60 години, а Хрватска за тоа време освои три. Секогаш нѐ потценуваат и велат дека сме завршиле, но многу потешко е да се остане на врвот, отколку да се стигне таму.“
Искусниот стратег уверува дека тимот нема да потклекне под надворешни влијанија и притисоци:
„По два мундијалски медали, јас не чувствувам никаков притисок. Одиме во Америка за да се покажеме во најдобро светло. Фудбалот е глобален спорт и секој смета дека има право на мислење. Луѓето ми приоѓаат и ми кажуваат кој требало да игра. Најлесно е да се пие пиво и да се коментира од кауч, но мојата работа е тешка бидејќи јас морам да застанам пред тие луѓе и да ги предводам.“
На крајот, Далиќ го коментираше и историскиот пласман на Босна и Херцеговина на Мундијалот:
„Премногу се радувам за БиХ. Тие буквално го препишаа хрватскиот модел за успех – создадоа хемија, најдоа баланс и го погодија селекторот. Самите признаа дека Хрватска им беше пример, па затоа им посакувам огромен успех на турнирот.“

