Кошаркарите на Сан Антонио Спарс стигнаа до драматична победа од 112:111 против Далас Маверикс, во натпревар во кој Виктор Вембањама одигра фантастична партија и практично сам го предводеше својот тим до триумф. Францускиот центар го заврши дуелот со неверојатни 52 поени, 24 скока и осум блокади, поставувајќи нов личен рекорд во НБА-лигата. Спарси имаа одлично прво полувреме и на паузата заминаа со предност од 17 поени (68:51), но гостите не се предадоа и постепено ја топеа негативата. Далас одигра значително подобро во вториот дел, а во последната четвртина успеа да ја направи завршницата неизвесна.
Кајри Ирвинг беше најефикасен во гостинскиот состав со 29 поени, додека Пи Џеј Вашингтон додаде 21, а Купер Флег запиша 19 поени и 10 скока. Покрај неверојатниот Вембањама, кај Сан Антонио се истакнаа и Дилан Харпер со 21 и Стефон Касл со 17 поени и 10 скока. Ирвинг имаше можност да му донесе продолжение на Далас, но неговиот обид за шут во последните три секунди не заврши во кошот. Со оваа победа, Сан Антонио ја продолжи победничката серија и стигна до шестиот триумф сезонава.

