Кристијано Роналдо собра сили и застана пред медиумите во микс зоната по болната елиминација од Шпанија. Иако претходно тешко ги контролираше солзите на теренот, тој сепак не ја потврди најавата на неговата сестра за дефинитивен крај во националниот тим. Најстариот стрелец во нокаут-фазата на Мундијалите одлучи да си остави време пред да ја донесе конечната одлука.
Роналдо призна дека натпреварот против Шпанците бил исклучително мачен и тежок за двете селекции.
„Беше тоа многу тежок натпревар. Шпанија имаше малку среќа да постигне гол во последните минути, но таков е фудбалот. Беше тоа навистина тежок меч“, изјави Роналдо.
Искусниот напаѓач нагласи дека во моментов чувствува голема болка, но не сака да реагира во афект.
„Жалам што на ваков начин го напуштам Светското првенство. Сепак, како што реков и вчера, дадов сè од себе и си заминувам со чиста совест. Мораме понатаму. Вистина е дека боли, да, но имам време да размислам. Ќе одлучам заедно со семејството за да не донесам избрзана одлука“, додаде тој.
Наместо дефинитивно повлекување, легендарниот капитен потсети на своето историско наследство. Тој потенцираше дека пред неговата ера, Португалија немаше освоено ниту еден голем фудбалски трофеј.
„Со чиста совест играм за мојата земја. Освоив три титули за Португалија. Пред мене, ниту една не беше освоена. За мене, титулата од 2016 година има значење на Светско првенство. Утре е нов ден и сè оди понатаму“, заклучи Роналдо.

