Многу поголеми возбудувања и вистинска фудбалска војна се очекуваат на стадионот во Сиетл, каде во рамките на првото коло од групата Г силите ќе ги одмерат Белгија и Египет. Белгијците важат за изразени фаворити на овој дуел и сакаат веднаш да направат важен чекор кон нокаут фазата, потврдувајќи ги високите амбиции по квалификациите кои ги завршија без ниту еден претрпен пораз и со дури 29 постигнати голови.
Тимот на Руди Гарсија има застрашувачки напаѓачки потенцијал. Главните предводници на „ѓаволите“ ќе бидат целосно закренатиот Кевин де Брујне и искусниот Ромелу Лукаку, кој има дури 90 погодоци во националниот дрес. Кога на нив ќе се додадат екстра брзиот Жереми Доку и технички поткованиот Леандро Тросар, јасно е дека одбраната на Египет ќе биде под сериозен притисок.
Сепак, Белгија има сериозна Ахилова пета пред овој натпревар. Поради повреда дефинитивно нема да настапи клучниот дефанзивец Зено Дебаст, па селекторот ќе мора да експериментира со прилично неискусен тандем во срцето на одбраната. Токму тука лежи големата шанса за Египет. Африканската селекција, предводена од незапирливиот Мохамед Салах и разиграниот Омар Мармуш, не помислува на бело знаме. Египќаните зад себе имаат импресивни квалификации со само два примени гола, па нивната цврста дефанзива и пеколната контра преку Салах можат да им нанесат сериозен удар на Белгијците.

