Меѓународен фудбал Фудбал

Црвена Звезда остана без Елшник, а Словенија без важен адут за дуелот со Македонија

Селекторот на словенечката репрезентација, Боштјан Цесар, доби нова лоша вест пред завршните натпревари во Лигата на нации, откако остана без еден од своите важни играчи за врска. Макс Елшник, кој во изминатиот период игра во одлична форма во дресот на Црвена Звезда, заработи повреда поради која ќе мора да направи подолга пауза.

Фудбалерот на белградскиот клуб се наоѓаше во одличен голгетерски ритам, постигнувајќи најмалку по еден погодок на четири од последните пет натпревари на Црвена Звезда. Сепак, последниот настап донесе непосакуван развој на настаните, бидејќи Елшник се здоби со повреда која, според информациите од српските медиуми, ќе го оддалечи од терените околу еден месец.

Поради здравствениот проблем, словенечкиот репрезентативец воопшто не се појави на собирот на националниот тим, што дополнително ги комплицира плановите на Цесар. Неговото отсуство е значаен хендикеп за Словенија, особено ако се земе предвид формата во која се наоѓаше во клупскиот дрес.

Она што е особено важно за македонската репрезентација е фактот дека Елшник ќе ги пропушти двата преостанати натпревари на Словенија во Лигата на нации. Покрај домашната пресметка со Швајцарија, тој нема да биде во комбинација ниту за гостувањето во Скопје против Македонија, во последниот натпревар од групната фаза.

Така, Словенците ќе мора да бараат алтернативно решение за средниот ред во пресрет на важните дуели, додека отсуството на еден од нивните најрасположени фудбалери претставува дополнителна можност за Македонија во обидот да стигне до позитивен резултат пред домашната публика.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.