Црногорскиот стручњак Игор Марковиќ е именуван за нов селектор на женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија. Тој ќе ја предводи нашата селекција уште на претстојното Европско првенство.
Марковиќ доаѓа со богато искуство во црногорскиот ракомет, каде работеше во стручниот штаб на сениорките и постигна одлични резултати со младинските категории. Неодамна ја предводеше јуниорската репрезентација на Црна Гора до петтото место на Светското првенство во Кина.
Новиот предводник јавно го изрази задоволството од довербата и најави напорна работа за градење силен тим.
„Голема чест и задоволство ми е што станав селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Се надевам дека со напорна работа, максимално залагање и заеднички труд од ден на ден ќе бидеме сè подобри. Европското првенство е пред нас, а верувам во добра соработка, здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои на вистински начин ќе ја претставуваме Македонија“, изјави Марковиќ.
На Европското првенство, Македонија ќе игра во исклучително силна група со селекциите на Норвешка, Романија и Швајцарија.

