Романскиот фудбалски сојуз (ФРФ) ја воведе мерката црн картон за натпреварите во младинските категории за момчиња од 7 до 16 години. Црниот картон ќе биде последна реакција на судијата при навреди, насилство или други инциденти предизвикани од родители и гледачи, а неговото покажување ќе значи дефинитивен прекин на натпреварот.
Пред да биде употребен, ќе следуваат неколку предупредувања и прекини. Најпрво судијата ќе го запре натпреварот, а тренерите ќе се обидат да ја смират ситуацијата. Доколку проблемите продолжат, следува десетминутен прекин, при што екипите ќе заминат во соблекувалните. Ако ниту тоа не помогне, судијата ќе го покаже црниот картон и натпреварот ќе биде прекинат.
„Децата не смеат да бидат жртви на амбициите, притисоците или фрустрациите на возрасните на трибините“, порачаа од FRF.
Романците и претходно имаа санкции за ваквото однесување, вклучително и казни од 2.000 до 4.000 евра и суспензија на лиценци до три години. Со новата мерка, Романија станува првата земја чиј фудбалски сојуз воведува посебен картон како крајна санкција за гледачите на младинските натпревари.

