Кошаркарите на Цибона се нови шампиони на Хрватска, откако во мајсторката среде Задар славеа во пеколна атмосфера пред 9.000 домашни навивачи. Ова е прв трофеј за загребскиот гигант по четири години пауза и вкупно 21. во нивната историја.
Мечот се кршеше во последната четвртина во која се влезе со комплетен егал (55:55). Клучниот чекор кон победата Цибона го направи на три минути пред крајот, кога Јан Палокај и Жан Шишко погодија две тешки тројки во низа, материјализирајќи ја одличната дефанзивна партија на целиот тим.
Кај Задар не помогна ниту бруталната партија на Владимир Михаиловиќ кој уфрли 27 поени. Во победничкиот состав на Иван Рудеж најмногу се истакнаа Џастин Роберсон со 17 и Жан Шишко со 13 кошеви. Овој триумф е огромно изненадување за јавноста, со оглед на тоа што Цибона зад себе има тешка сезона во која воопшто не играше во регионалната АБА лига.

