Илјадници навивачи на Наполи ги преплавија улиците на Неапол, претворајќи го градот во вистинско сино море во чест на 100-годишнината од основањето на клубот. Со знамиња, шалови, бакли и песни, симпатизерите организираа голем свечен марш кој заврши покрај крајбрежјето, каде прославата продолжи до доцните вечерни часови. Настанот беше замислен како симбол на вековната врска меѓу клубот и градот, а во него учествуваа навивачи од сите генерации, обединети под мотото „100 години љубов“.
Прославата не беше посветена само на богатата историја на Наполи, туку и на легендите кои го испишаа најславниот дел од клупската приказна, предводени од Диего Армандо Марадона. Со овој спектакуларен марш, Наполи официјално ги отвори активностите по повод јубилејната сезона, во која клубот ќе одбележи еден век постоење со повеќе специјални настани и проекти.







