Македонски фудбал Меѓународен фудбал Фудбал

Чурлинов шокиран по скандалозниот напад: Не разменивме ниту еден збор, се појави од никаде!

Победата на Погон Шчечин од 4:3 над Радомјак Радом во полското првенство остана во целосна сенка на дивијачки инцидент во самата завршница од натпреварот. Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов беше физички нападнат од противнички фудбалер во моменти кога страстите на теренот целосно ескалираа.

Тензиите започнаа по поништениот гол за гостинскиот состав во последните минути, што предизвика бурни протести кај фудбалерите на Радомјак, а ситуацијата кулминираше со директен црвен картон за нивниот играч Ибрахима Камара.

Сепак, вистинскиот скандал настана неколку минути подоцна. На социјалните мрежи се појави снимка на која се гледа како Камара, откако веќе беше испратен во соблекувалната, се враќа од тунелот и подмолно од зад грб го удира Чурлинов, кој веднаш паѓа на тревата.

Нашиот репрезентативец по мечот не го криеше шокот од дивијачкиот потег на противникот, истакнувајќи дека воопшто немал никаква комуникација со него.

„Искрено, останав без зборови. Воопшто не разговарав со него, туку со сосема друг играч, а тој дури и не беше дел од тој разговор. Одеднаш излезе од соблекувалната и направи нешто што едноставно не смееше да го направи. Ова е апсолутно неприфатливо однесување, не само за фудбалер, туку за човек воопшто. Не му кажав ниту еден збор, се појави од никаде. Надлежните во лигата мора детално да го анализираат ова и да донесат соодветни мерки. Не е моја улога да судам, но тој самиот мора да ги сноси последиците за својата грешка“, изјави шокираниот Чурлинов.

Поради овој срамен и неспортски потег, Ибрахима Камара се соочува со драстична и долготрајна суспензија од страна на Дисциплинската комисија на полскиот шампионат.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.