Македонската фудбалска репрезентација ги интензивира подготовките пред последните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите. Пред незгодното гостување против Шкотска во Глазгов и домашниот дуел со Словенија, повратникот во националниот тим Дарко Чурлинов истакна дека во составот владее позитивна енергија, најмногу поради добрата минутажа што репрезентативците ја имаат во своите клубови. Крилниот фудбалер верува во квалитетот на македонскиот тим и порачува дека „црвено-жолтите“ поседуваат соодветен одговор за противничките ѕвезди.
Повратникот во репрезентативниот дрес испрати јасна порака пред гостувањето на Островот:
„Секогаш ми било чест да играм за овој дрес и секогаш ќе давам максимум. Шкотска ги има Мектоминеј, Гилмор, Робертсон, но ние ги имаме Елиф Елмас, Барди и Столе Димитриевски. Денеска нема репрезентација што не може да се победи, така што тоа треба да го покажеме на теренот. Минутажата во клубот е многу битна и верувам дека таа добра енергија ќе има позитивно влијание на овие два натпревари.“
Избраниците на Гоце Седлоски во петок ќе му се спротивстават на домаќинот во Глазгов, а три дена подоцна на домашен терен ќе ја пречекаат Словенија во завршниот меч од циклусот. Чурлинов нагласи дека тимот детално ќе го анализира противникот со цел целосно да ги пренесе замислите на селекторот на теренот и да стигне до посакуваниот резултат.

