Скопје повторно дише во ритамот на европскиот ракомет, а култната сала во Аеродром се подготвува да биде сведок на уште една епска ноќ. Пред македонскиот шампион стои вистинска „планина“ за искачување, духот на Вардар никогаш не згаснува кога се игра пред најверните навивачи, кои низ годините биле ветар во грбот за најголемите пресврти.
Вардарци утре на домашен терен ќе го пречекаат францускиот гигант Монпелје во реваншот од четвртфиналето на Лигата на Европа, со тешка задача да надокнадат огромна негатива од десет гола. И покрај високиот пораз на првата средба, стратегот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ, одбива да се предаде и повикува на максимална борбеност и верба во невозможното.
„По мое мислење имавме добри и лоши моменти во првиот меч. Првото полувреме одигравме подисциплинирано, но во второто лошо отворивме и се сврте целиот натпревар. Се подготвуваме и сакам сите да веруваат, бидејќи во оваа сала е многу тешко да се игра и сите нè почитуваат. Мора да се презентираме во подобро светло и да веруваме дека можеме да ги стигнеме тие десет разлика. Може ќе ми кажете утре дека сум будала, но никој не ни брани да сонуваме и да веруваме“, истакна Чупиќ во пресрет на големиот дуел.
Вардар низ историјата покажал дека кога сите го отпишуваат, тој е најопасен. Утрешниот натпревар не е само борба за резултат, туку и за честа на дресот и гордоста на клубот кој е двократен европски првак. Натпреварот започнува со почеток во 20:45 часот.

