Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Чупиќ пред Мелсунген: Време е да им се оддолжиме на навивачите

По херојскиот триумф на гостувањето кај Нант во Франција, македонскиот шампион Вардар 1961 го пречекува стариот познаник Мелсунген во последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите. Иако дуелот во салата нема директно да одлучува за премин во следната рунда од елитата, „црвено-црните“ влегуваат со посебен мотив, одбрана на клупската гордост и прекинување на негативната серија на домашен терен.

Предводникот на вардарци, Иван Чупиќ, пред мечот искрено призна дека германскиот тим ја има фаворитската улога, но нагласи дека неговите играчи мора да покажат реакција пред сопствената публика.

„За жал, ни следува последниот натпревар во Лигата на шампионите за оваа фаза. Мелсунген доаѓа тука за да го потврди пласманот во главната фаза, а ние да покажеме дека по двата домашни порази сме сериозно повредени во клупската гордост. Мораме да им се оддолжиме на навивачите за поддршката. Победата во Нант и евентуален нов триумф над Мелсунген треба да бидат јасна порака до сите, никогаш да не се откажуваат од нас! ‘Скапо ја продадовме кожата’, бевме рамноправни, но не и доволно добри за да завршиме меѓу првите две екипи во групата. Сега ни треба поголема серија победи за да ја вратиме самодовербата пред ЕХФ-паузата“, истакна хрватскиот стручњак.

Без оглед на конечниот исход од средбата против Мелсунген, за ракометарите на Вардар 1961 ова не е крај на европските предизвици, бидејќи меѓународните настапи оваа сезона ќе ги продолжат во рамките на Европската лига на ЕХФ.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.