По завршувањето на европските обврски, ракометарите на Вардар 1961 ги очекува најголемиот домашен предизвик, големото дерби против Еурофарм Пелистер. Предводникот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ, пред дуелот во Скопје отворено ја презеде фаворитската улога, но предупреди на специфичниот стил што го негува ривалот од Битола.
„Секој натпревар е приказна за себе, а дел од нашите играчи за првпат ќе почувствуваат какво е ова балканско дерби. Пелистер игра специфичен ракомет каков што немавме во нашата група во Лигата на шампионите и тоа ќе биде сериозен предизвик. Сепак, играме дома, имаме тим граден за елитата и го браниме трофејот, па нема зошто да бегаме од улогата на фаворит. За да ја оствариме целта, мора да одиграме на највисоко ниво“, истакна Чупиќ.
Вардарци го дочекуваат ривалот од лидерската позиција на табелата и со јасна желба да ја продолжат победничката серија во Суперлигата. Натпреварот од деветтото коло меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер ќе се одигра на 1 ноември во салата „Јане Сандански“.

