Вардар со реми 26-26 против Мелсунген го заврши настапот во Лигата на шампионите, а по натпреварот тренерот Иван Чупиќ ги посочи искуството и среќата како фактори што му недостасувале на неговиот тим за пласман во следната фаза. Хрватскиот стратег му честиташе на германскиот состав, оценувајќи дека Вардар бил блиску до посакуваниот резултат, но повторно платил цена за сопствените слабости.
„Бевме блиску, но на крај повторно плативме скапа школа. И кога играме солидно и коректно, можам да кажам дека ни недостасуваа искуство и среќа да одиме во втората фаза. Тоа е реалноста и не можеме да бегаме од неа“, изјави Чупиќ, кој му честиташе на Мелсунген за пласманот понатаму.
Свој коментар за натпреварот даде и Урош Митровиќ, кој ја истакна борбеноста на екипата и поддршката од публиката, но не ги премолчи ниту грешките што го следеа Вардар во текот на средбата.
„За жал, заврши нерешено, со феноменална борба и публика. Иако правевме многу грешки, стигнавме до реми. Се надевам дека ова ќе ни биде лекција и ќе напредуваме за следните мечеви“, порача Митровиќ.
Вардар така ја заврши европската сезона, а пред тимот на Чупиќ останува да ги искористи стекнатите искуства и да продолжи со подобрување на формата во следните предизвици.

