Двократниот европски шампион Вардар го претрпе и третиот пораз во исто толку натпревари од новата сезона во Лигата на шампионите, откако на домашен терен во салата „Јане Сандански“ загуби од полската Висла Плок со 26-32. За разлика од претходните два минимални порази, овојпат гостите од Полска целосно доминираа на теренот, а по мечот тренерот Иван Чупиќ излезе пред медиумите преплавен со емоции, преземајќи ја комплетната одговорност за неуспехот.
Предводникот на „црвено-црните“ отворено призна дека направил сериозна тактичка грешка уште на самиот почеток на средбата:
„Лошо го отворивме натпреварот. Се подготвувавме секако бидејќи знаевме дека ќе биде тешко во нападот. Имавме моменти кога бевме океј, но јас погрешив што отворивме со игра ‘седум на шест’. Одбраната ја одигравме добро и компактно, но Висла заслужено победи бидејќи беше подобар тим. Немавме вистински решенија во нападот, многу се мачевме, баравме нешто, но не најдовме. Нѐ пресече тоа ‘седум на шест’ и за тоа сум само јас одговорен“, искрен беше Чупиќ.
Сепак, она што најмногу го погоди хрватскиот стратег беше реакцијата на трибините по завршувањето на мечот, каде верните навивачи, наместо со свирежи, го испратија тимот со аплауз и песна:
„Чувството беше поинакво против Мелсунген и Нант, сега е сосема трето. Сега сум и лут и тажен, навистина се разочарав. Не се кријам и признавам. Многу пати сум бил во полн ‘Јане Сандански’ и како играч и како тренер. Ќе ми беше полесно ако навивачите нѐ исвиркаа и си заминаа, наместо вака да нѐ бодрат по мечот. Ова е мој тим, моја екипа и сакам да не ги разочаруваме овие луѓе. Кога ќе видиме колку нѐ сакаат нас и клубот, дури и играчите на Висла ги поздравија, а нам ни дојде срам од поразот. Треба да го сакаш Вардар како што го сакаме ние, но постојат моменти како овој кои погодуваат повеќе. Навивачите останаа да ни покажат поддршка долго по мечот и тоа ме погоди многу на човечко ниво“, додаде потиштениот стратег.
Со овој трет последователен пораз, Вардар си ги компликуваше шансите во елитното друштво, а пред Чупиќ и неговите ракометари претстои период на детална анализа и брза реакција за враќање на победничкиот колосек.

