Меѓународен фудбал Фудбал

Чудните методи на Артета во летните подготовки на Арсенал

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, со последната изјава за британски „Телеграф“ ја шокираше фудбалската јавност, признавајќи дека за време на летните подготовки намерно создавал хаос и го саботирал сопствениот тим со цел да го подготви за сите можни вонфудбалски пречки и стресни ситуации во текот на сезоната.

Шпанскиот стратег организирал доцнење на превозот, каснење на оброците, менување на рутите за патување, па дури и намерно ја покачувал температурата во соблекувалната и го намалувал бројот на маси за масажа. Според него, ова биле вештачки предизвикани проблеми со цел играчите да научат брзо да се адаптираат и да не бараат изговори кога нештата нема да одат по планираното.

„Се обидов да креирам одредени ситуации за време на подготовките за играчите да бидат подготвени доколку тие навистина се случат во сезоната. На пример, ако доцниме на меч, ако ни доцни летот или возот, или ако има голем метеж во сообраќајот. Не сакам играчите и стручниот штаб тогаш да ги фаќа паника. Кога таквите работи ќе се случат, тие веќе ќе бидат спремни“, изјави Артета.

Предводникот на „топчиите“ детално објасни кои методи ги користел за да создаде дополнителен предизвик за својата екипа.

„Организирав да доцнат оброците, го одложував пристигнувањето на превозот, бирав поинакви рути за патување. Ја зголемувавме температурата во соблекувалната и правевме бројни работи за да им ја направиме ситуацијата потешка. Имаше и помалку маси за масажа. Мораме да се адаптираме на различни услови и сакавме да го избегнеме тој елемент на изненадување или стрес на самиот ден на натпреварот“, заклучи шпанскиот стручњак.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.