Авто-мото Други спортови

Четирикратниот шампион останува, Верстапен продолжи со Ред Бул

Макс Верстапен и официјално стави крај на сите шпекулации околу својата иднина во Формула 1. Четирикратниот светски шампион потпиша нов договор со Ред Бул, според кој во австрискиот тим ќе остане до крајот на 2030 година. Иако актуелниот договор на Холанѓанецот траеше до 2028 година, во изминатиот период неговото име често се поврзуваше со можен трансфер. Особено интерес покажуваше Мерцедес, додека ситуацијата внимателно ја следеше и Мекларен. Дополнителна неизвесност создаваше и клаузулата во договорот на Ферстапен, која можеше да му овозможи да го напушти Ред Бул уште по завршувањето на оваа сезона.

Само неколку дена пред домашната трка за Големата награда на Холандија, сепак, Верстапен ја разреши дилемата. Тој потврди дека сака да продолжи со тимот со кој ги оствари најголемите успеси во својата кариера.

„Имаме најдобри луѓе и возбуден сум што продолжуваме да работиме заедно со цел повторно да се вратиме на врвот. Тоа е крајната цел за сите нас. Тимот отсекогаш го доживував како второ семејство и се чувствувам како дома“, порача Верстапен.

Холанѓанецот потсети и на своето патување со Ред Бул. Во Формула 1 дебитираше во 2015 година со Торо Росо, сестринскиот тим на Ред Бул, а само една година подоцна доби шанса да вози за главниот тим. На Големата награда на Шпанија во 2016 година веднаш ја оправда довербата и стигна до својата прва победа во Формула 1. Од 2021 година Ферстапен се претвори во доминантна сила во шампионатот. Тој освои четири последователни титули, пред минатата сезона да биде наследен на тронот од Ландо Норис.

Во кариерата досега има забележано 71 победа и 131 пласман на подиумот, но во актуелната сезона сè уште чека на нов триумф. Неговиот најдобар резултат досега е второто место, кое го оствари двапати, вклучително и на последната трка во Унгарија. Со новиот договор, Ред Бул јасно покажа дека Верстапен останува централна фигура во долгорочниот проект на тимот. Следната можност за прекин на актуелната серија ќе ја има веќе овој викенд, кога Формула 1 се враќа по летната пауза со Големата награда на Холандија.

Трката на „Зандворт“, Холандија, ќе биде дел од спринт-викендот, а првите активности на патеката започнуваат во петок.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.