Меѓународен фудбал Фудбал

Четири гола и асистенција, Меси во голем стил го затвори август!

Интер Мајами стави крај на серијата од пет натпревари без победа во сите натпреварувања на највпечатлив можен начин. Тимот од Флорида го декласира Монтреал со убедливи 7-1 во натпревар од регуларниот дел од сезоната во МЛС, а главната улога му припадна на Лионел Меси. Аргентинската суперѕвезда одигра фантастичен натпревар, постигнувајќи четири гола и додавајќи една асистенција. Со тоа Меси на одличен начин го заокружи август, месец во кој директно учествуваше во 10 погодоци на Интер Мајами – седум гола и три асистенции.

Во листата на стрелците се запишаа и Каземиро и Луис Суарез, додека Александер Шоу го постигна шестиот гол за домаќините. Интер Мајами го презеде натпреварот под своја контрола уште од почетокот, а водството стигна во 20. минута. Каземиро беше највисок во скокот по корнер и со удар со глава го совлада голманот на Монтреал. Гостите, сепак, успеаја да израмнат во 37. минута преку Фабиан Ербер. Но, радоста траеше кратко. Само три минути подоцна, по слободен удар на Меси, Лука Петрасо ја погоди сопствената мрежа, па Интер Мајами повторно имаше предност.

Во второто полувреме следеше целосна доминација на домаќините. Меси во 52. минута приреди вистински спектакл, минувајќи покрај тројца противнички играчи пред да реализира за 3-1. Во финишот Интер Мајами целосно го скрши отпорот на Монтреал. Во 80. минута Меси асистираше до Суарез за 4-1, а само три минути подоцна Аргентинецот повторно се запиша во листата на стрелците. Шоу во 89. минута зголеми на 6-1, а точка на големиот триумф стави Меси во шестата минута од судиското продолжение. Со својот четврти гол тој го комплетираше покерот и стави печат на убедливата победа.

За Интер Мајами ова беше прва победа во МЛС по 26 јули, кога исто така го совлада Монтреал, но со минимални 1-0. По тој натпревар следуваше тежок период за тимот, кој забележа серија слаби резултати и елиминација од Купот на лигите. Со новите три бода, Интер Мајами ја задржа предноста од пет бода пред Чикаго Фајр во Источната конференција, иако конкурентот има одиграно натпревар помалку.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.