Вест Хем е пред голема промена во сопственичката структура во период кога клубот се соочува со сериозни спортски предизвици. Чешкиот бизнисмен Даниел Кретински постигна договор со останатите акционери со кој ќе стане најголем поединечен сопственик на лондонскиот клуб. Според договорот, Кретински ќе го зголеми својот удел на 46 проценти, додека Дејвид Саливен ќе остане втор најголем акционер со 40 проценти. До промената доаѓа откако конзорциум предводен од поранешната директорка на Њукасл, Аманда Ставели, постигна договор за купување на 25 проценти од акциите на семејството Голд.
Кретински порача дека е „длабоко почестен“ што добива можност да стане најголем акционер на Вест Хем и истакна дека е свесен за одговорноста што ја носи новата позиција. Од семејството Голд, пак, изразија задоволство што е постигнат договор и порачаа дека тој ќе донесе поголема сигурност и јасност за иднината на клубот. Ванеса Голд ќе задржи помал удел во клубот, но истакна дека засекогаш ќе остане голем навивач на „Чеканите“. Кретински го презема поголемото влијание во Вест Хем во исклучително тежок спортски момент. Клубот минатата сезона испадна од Премиер лигата, а по првите четири натпревари во Чемпионшип се наоѓа на 12. место, со само една победа.

