Македонскиот ракометен вицепрвак Еурофарм Пелистер утревечер го започнува настапот во групната фаза од ЕХФ Европската лига. Во салата „Боро Чурлевски“ во Битола од 20:45 часот гостува шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха.
За предводникот Лино Червар ова ќе биде прв европски меч на клупата на битолчани. Искусниот хрватски стручњак смета дека улогата на фаворит во групата е преамбициозна, но нагласува дека тимот мора да влезе со максимална подготовка.
„Нè поставија како фаворити пред Гумерсбах и Логроњо Ла Риоха, а тоа е малку преамбициозно. Но, тоа за нас нема никакво значење. Мораме добро да се подготвиме. Многу го ценам шпанскиот ракомет. Ла Риоха е клуб против кој веќе сум играл и има голема традиција. Нè чека напорна работа, играчите мора да бидат подготвени, а и ние, со многу енергија и ментална сила.“
Предводникот на битолскиот тим посебно ја подвлекува цврстата дефанзива и поддршката од трибините како клучни фактори за успех на претстојната средба.
„Посебно важна е нашата одбрана. Кога некој игра добра одбрана, тогаш има голема шанса да победи на натпреварот. Ова е наш прв натпревар оваа година во Европската лига, а луѓето очекуваат многу од нас. Многу сум задоволен од атмосферата меѓу играчите и очекувам многу публика. Навивачите се многу поврзани со нашиот клуб, ниту еден успех на Пелистер не би бил можен без публиката. Публиката е нашата сила, наш играч повеќе. Но, ние тоа мора да го оправдаме. Мора да покажеме голема енергија, желба за победа, тоа е исклучително важно. Страста за победа дава дополнителна енергија. Затоа јас верувам во мојот тим, верувам во Еурофарм Пелистер, затоа сум тука.“
Правдата на овој дуел ќе ја делат норвешките судии Магнус Нигрен и Андреас Борге, додека делегат е Тихомир Касуниќ од Хрватска.

