Лондонски Челзи во еден ден постигна договор за две значајни засилувања, аргентинскиот голман Емилијано Мартинез од Астон Вила за 7,5 милиони фунти и 18-годишниот дефанзивец на Аталанта, Онест Аханор, за сума која со бонуси достигнува до 40 милиони фунти. Мартинез пристигнува да ја преземе „единицата“ во тимот по серијата несигурни изданија на Роберт Санчез, а 33-годишниот светски шампион од 2022 година зад себе има 213 премиерлигашки меча и 60 чисти мрежи за тимот од Бирмингем. Астон Вила веќе ја пополни неговата позиција со доаѓањето на јапонскиот репрезентативец Зион Сузуки од Парма за речиси 30 милиони фунти.
Второто засилување, Онест Аханор, веќе ги договори личните услови и доби дозвола за лекарски прегледи во Лондон. Младиот Италијанец, кој покрива позиции на лев бек и централен дефанзивец, изминатата сезона забележа 28 настапи во Серија А и девет во Лигата на шампионите за Аталанта, а во мај доби и повик за сениорската репрезентација на Италија. Неговите застапници најавуваат дека постои можност тој веднаш да биде испратен на позајмица во друг премиерлигашки клуб доколку не остане во составот на Чаби Алонсо.
Со овие трансфери Челзи ја продолжува големата летна реконструкција во која претходно беа ангажирани Морган Роџерс за 117 милиони фунти, како и искусните Дани Велбек и Џордан Хендерсон. „Сините“ во недела го пречекуваат Брајтон во рамките од второто коло на Премиер лигата.

