Челзи влегува во нова фаза под целосна контрола на „Клирлејк Кепитал“, откако Тод Боели го продаде својот удел во лондонскиот клуб и замина од функцијата претседател. Мнозинскиот сопственик, предводен од Бехдад Егбали и неговиот деловен партнер Хозе Фелисијано, со откупот на акциите на Боели и Марк Волтер го зголеми својот удел на дури 99,9 проценти. Од клубот потврдија дека промената на сопственичката структура нема да донесе промени во начинот на управување ниту во долгорочната стратегија.
Претходно „Клирлејк Кепитал“ имаше 61,5 проценти од акциите, додека Боели, Волтер и швајцарскиот милијардер Хансјорг Вис поседуваа по 12,8 проценти. Вис исто така го продал својот удел, но ќе продолжи да соработува со мнозинските сопственици. Боели беше една од клучните фигури во конзорциумот кој во 2022 година го презеде Челзи од Роман Абрамович. Трансакцијата тогаш изнесуваше 2,3 милијарди фунти, а Американецот ја презеде функцијата претседател, како и улогата на привремен спортски директор.
Во следните години, сепак, неговото влијание во секојдневното функционирање на клубот постепено се намалуваше, додека Егбали добиваше сè поголема улога во управувањето. Односите меѓу двајцата главни партнери дополнително се заладија, па во 2024 година започнаа разговори за можноста едниот да го откупи уделот на другиот.
Според информациите на „Тајмс“, „Клирлејк Кепитал“ издвоил околу една милијарда фунти за откуп на уделите на Боели и Волтер. Со тоа е ставена точка на досегашната поделена сопственичка структура и клубот практично преминува под целосна контрола на инвестициската група. Иако Боели повеќе нема сопственички удел ниту претседателска функција, од „Стемфорд Бриџ“ уверуваат дека оваа промена нема да влијае врз поставената насока на клубот.

