Челси ја обезбеди иднината на еден од своите најдобри фудбалери, откако бразилскиот напаѓач Жоао Педро стави потпис на нов долгорочен договор со кој се обврза на верност кон лондонскиот клуб до јуни 2034 година. 24-годишниот офанзивец пристигна на „Стемфорд Бриџ“ минатото лето од Брајтон и за кратко време израсна во еден од најважните играчи во тимот.
Педро посебно се истакна на Светското клупско првенство каде постигна два гола против Флуминенсе во полуфиналето, а потоа ја затресе мрежата и во финалето против ПСЖ за шампионскиот трофеј. Одличните партии ги продолжи и во текот на сезоната 2025/26, каде запиша 20 погодоци во сите натпреварувања и на крајот беше избран за најдобар играч на Челси во изборот на навивачите. Вкупно, Бразилецот досега има ефект од 23 гола на 53 натпревари за „сините“.
По потпишувањето на договорот, тој истакна дека од првиот ден во Лондон се чувствува како дома и дека е пресреќен што ја врзува својата иднина за клуб со толку големи амбиции. Како потврда за неговиот нов статус на прва ѕвезда во нападот, Челси му го додели и дресот со број девет за претстојната сезона.

