Капитенот на Турција, Хакан Чалханоглу, најави доминација на натпреварот против Австралија во првото коло од групата Д, што означува големо враќање на оваа репрезентација на Мундијалите за првпат по далечната 2002 година.
„Детално го анализиравме противникот. Знаеме дека Австралија е физички силен тим, опасен на прекини бидејќи имаат високи фудбалери. Сепак, верувам дека ние ќе доминираме бидејќи имаме поквалитетен и поталентиран состав“, изјави Чалханоглу.
Искусниот играч од средниот ред не ја криеше гордоста, но и одговорноста што ја чувствува целиот тим поради долгото отсуство од најголемиот фудбалски собир.
„Горди сме што се враќаме по цели 24 години. Напорно се подготвувавме во изминатите три недели и максимално сме фокусирани. Екипата го чувствува притисокот од навивачите, но мораме и да уживаме во овој момент. Како деца сонувавме за ова, нашиот сон конечно стана реалност и сакаме да ја направиме нацијата горда“, заклучи ѕвездата на Интер.

