Скопски Бутел ќе мора да направи мал подвиг на домашен терен доколку сака пласман во следната фаза од ЕХФ Европскиот куп. Македонскиот претставник претрпе пораз од 27:24 на гостувањето кај хрватска Горица, во натпревар каде што победата или барем нерешениот исход му побегнаа од раце во самиот финиш.
Ракометарите предводени од Стоилов одиграа храбар и тактички добар меч речиси 55 минути. На секој удар на домашниот состав, скопјани одговараа со брза реализација, одржувајќи целосна резултатска неизвесност. Сепак, црната серија помеѓу 55. и 58. минута се покажа како одлучувачка. При резултат 23:23, Бутел влезе во серија грешки, што искусните Цековиќ и Пит вешто го казнија за одлепување на 25:23, разлика која домаќинот ја сочува и ја зголеми до конечните плус три.
Кај победничката екипа најрасположен за игра беше Хрвоје Цековиќ со пет погодоци, додека кај Бутел по четири пати мрежата ја затресоа Дамјан Субашевски, Кристијан Стаменковиќ и Петар Николовски. Предноста од три гола на Горица не е недостижна, а Бутел ќе го има последниот збор пред своите навивачи на реваншот закажан за 24 октомври во Скопје.

