Поранешниот претседател на Барселона, Жоан Гаспар, упати остри критики до Лионел Меси поради неизвесноста околу неговото официјално збогување со навивачите на каталонскиот клуб. Според него, аргентинската легенда не смее да дозволи личните несогласувања со актуелното раководство да го спречат достоинственото испраќање од местото каде што ја изгради својата блескава кариера.
„Барселона е над секоја личност“, порача Гаспар во подкастот „Соло пара кулес ТВ“, потсетувајќи дека Меси пристигнал на „Камп Ноу“ како 13-годишно момче и дека клубот одиграл значајна улога во неговиот развој.
Осумкратниот освојувач на „Златната топка“ ја напушти Барселона во 2021 година, откако не беше реализирано продолжувањето на договорот поради финансиските ограничувања и правилата на Ла Лига. Односите со претседателот Жоан Лапорта останаа затегнати, но Гаспар смета дека тоа не треба да биде пречка за организирање церемонија во чест на еден од најголемите фудбалери во историјата.
„Ќе дојде ден кога ќе почне да ме нервира ако господинот Меси не ја прифати ниту најмалата понуда од Барселона за да се збогува со навивачите. Без разлика кој е претседател, тој мора да дојде и да се збогува со Барса“, категоричен беше поранешниот прв човек на клубот.
Гаспар дури порача дека лично не би присуствувал на таква церемонија доколку таа се одржи во период кога Лапорта повеќе нема да биде претседател. Во расправата за односот на Меси кон клубот, тој реагираше и со зборовите: „Кој мисли дека е?“ И покрај критиките, Гаспар не го крие восхитот кон Аргентинецот, кого го смета за најдобриот фудбалер што го видел. Сепак, откри и интересна анегдота: неговите четири правнуци, кога ги прашал дали би избрале дрес на Меси или на младиот Ламин Јамал, едногласно се определиле за актуелната ѕвезда на Барселона. Едно од децата дури и не знаело кој е Меси.
Приказната на Гаспар покажува дека, и покрај историскиот статус на Аргентинецот, новите генерации веќе имаат свои фудбалски идоли.
‼️😳 BRU-TAL RETAHÍLA de PALOS de JOAN GASPART a LEO MESSI:
😡 "¿Quién se ha creído? Que vaya con cuidado, el Barça está por encima de él".
¡Podcast completo disponible en YouTube ‘Chiringuito Inside’! https://t.co/m5WXcAR4TV
— Sólo para Culés TV (@soloparaculestv) October 11, 2026

