Новиот владетел на лесна категорија во УФЦ, Џастин Гејџи, не само што му го одзеде тронот на Илија Топурија на историскиот спектакл пред Белата куќа, туку буквално го претепа до непрепознатливост. Досега непоразениот борец претрпе толку сериозна деструкција што веднаш по прекинот на борбата со возило на брза помош беше итно пренесен во најблиската болница.
Првиот човек на организацијата, Дејна Вајт, потврди дека состојбата на поранешниот шампион е прилично загрижувачка и дека неговиот тим донел правилна одлука што не го пуштил да ја започне петтата рунда. „Тој е во тотален хаос. Мојот план е веднаш да замине дома, да одмара и никаде да не брза. Ова беше пеколно тешка ноќ за него, а првичните проценки се дека има скршена орбитална коска околу окото“, изјави Вајт за медиумите.
Гејџи во текот на четирите рунди упати серија разорни удари кои направија страшна штета во пределот на јаболчната коска и десното око на „Ел Матадор“, правејќи го речиси непрепознатлив на столчето во неговиот агол. Деталните лекарски извештаи се очекуваат со голема неизвесност, но доколку се потврдат црните прогнози на претседателот на УФЦ, Шпанецот го чека долга пауза од неколку месеци и целосно отсуство од октагонот.

