Раководството на Евролигата испрати брутално јасна порака до своите клубови-акционери со цел целосно да го оневозможи нивното заминување од елитното друштво. Најдоброто кошаркарско натпреварување на Стариот континент веќе започна официјална транзиција кон класичен франшизен модел, а клучниот маневар во оваа еволуција е насочен кон драстично поострување на финансиските казни за непослушните. Иако првично се шпекулираше дека казната за предвремено напуштање на лигата ќе се крене на 100 милиони евра, најновите информации од состанокот покажуваат дека таа цифра е дуплирана и ќе достигне неверојатни 200 милиони евра!
Овој радикален потег е директен одговор на најавениот американски мегапроект „НБА Европа“, кој сè уште е во фаза на планирање и собирање понуди. Моменталните договори на клубовите содржат излезна клаузула од 10 милиони евра, но во нив стои и клучната правна замка, „плус надомест за претрпена штета“. Бидејќи пазарната вредност на Евролигата рапидно расте, токму оваа клаузула овозможува крајната сметка за заминување веќе следната година да скокне до споменатите вртоглави 200 милиони. Со ова, челниците на европската елита буквално во „челична прегратка“ ги држат 13-те клубови со постојани лиценци, правејќи го секое нивно потенцијално кокетирање со НБА финансиски чисто самоубиство.

