Португалскиот фудбалер Бруно Фернандеш успеа да направи нешто што никогаш порано никому не му успеало во Англија. Капитенот на Манчестер Јунајтед стана првиот играч во историјата на ова натпреварување со дури 21 асистенција во една сезона.
До последното коло португалскиот репрезентативец го делеше првото место со Кевин де Брујне и Тјери Анри. Со новото маестрално додавање тој ја остави комплетната конкуренција зад себе и остана осамен на врвот на вечната листа.
Историскиот момент се случи на стадионот „Амекс“ кога Фернандеш со прецизен центаршут го пронајде младиот Патрик Доргу. Фудбалерот реагираше одлично, ги надскока своите чувари и со глава ја затресе мрежата за предност на Јунајтед.
Со оваа асистенција Бруно и официјално стана апсолутен рекордер по бројот на клучни додавања во една сезона. Португалецот дополнително го потврди статусот на еден од најважните играчи на клубот во последните неколку години. Покрај асистенцијата, Бруно беше и стрелец на третиот гол. Вториот гол беше дело на Мбеумо.
Во последниот натпревар оваа сезона, Јунајтед убедливо славеше на гостувањето кај Брајтон со 3:0. Гостите доминираа во текот на целиот натпревар и во стил ја завршија сезоната, во која Мајкл Керик ги препороди во вториот дел од сезоната.

