Меѓународен ракомет Ракомет

Бродолом во Партизан, по претседателот и управата, и Раул го напушти клубот

Српскиот ракометен шампион Партизан се соочува со целосен колапс откако за само еден ден остана и без раководството и без шефот на стручниот штаб. Претседателот Милјан Жугиќ и комплетниот Управен одбор поднесоа оставки поради блокада на банкарските сметки и тешка финансиска криза, што веднаш предизвика верижна реакција во тимот од Хумска. По одржаните итни состаноци со раководството, трофејниот шпански стратег Раул Гонзалес донесе одлука за моментален раскин на договорот, оставајќи ги белградските „црвено-црни“ во досега незапомнета криза.

Преку официјално соопштение, од Партизан ја потврдија разделбата и го соопштија новото решение за тренерската позиција:

„По оставката на претседателот Жугиќ поради неможност за финансирање по блокадата на банката, одржани се состаноци со стручниот штаб. Раул Гонзалес донесе одлука да го раскине договорот, а тимот до крајот на сезоната ќе го води досегашниот помошник Марко Павловиќ. Му се заблагодаруваме на Раул за досегашната соработка и му посакуваме многу успеси во понатамошната кариера.“

Поради натрупаните долгови и неисплатените плати кон ракометарите, во следните денови се очекува вистински егзодус на најскапите странски засилувања. Собранието на клубот има рок од 30 дена да избере ново раководство, но прашање е колку од шампионскиот состав ќе остане на располагање на Павловиќ за одбрана на домашните трофеи и претстојните мечеви во Лигата на Европа.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.