Репрезентацијата на Холандија експресно го искористи слабиот и деконцентриран влез на Шведска во големото европско дерби и во раната фаза од мечот во Хјустон поведе со убедливи 2-0. Апсолутен херој на „лалињата“ е напаѓачот Брајан Броби, кој неочекувано доби шанса во првиот тим и веднаш брутално ја искористи укажаната доверба. Тој уште во 5-та минута го отвори резултатот со прецизен удар по одличната асистенција на Коди Гакпо од левата страна. Шведската одбрана немаше никаков одговор за неговата силина, па Броби во 17-та минута повторно се запиша во стрелците, овојпат по одличното проигрување од Дензел Дамфрис за огромна радост на холандските навивачи.
Швеѓаните како да чекаа да примат два гола за конечно да се разбудат, по што целосно се отворија и почнаа да играат фудбал. Скандинавците во продолжението од првиот дел создадоа неколку одлични прилики за погодок, но холандскиот голман Барт Вербруген беше едноставно феноменален на линијата и со нереални одбрани го сочува својот гол. Шведска во овој налет успеа еднаш и да ја затресе противничката мрежа, но тој гол веднаш беше поништен од судиите поради чиста офсајд позиција, па Холандија успеа да го издржи силниот притисок.

