Фудбалерите на АП Брера конечно ја прекинаа негативната серија, откако во минатото коло славеа победа од 2-1 против Арсими. Сепак, без многу простор за осврт на претходниот натпревар, струмичани веќе се насочени кон новиот предизвик што ги очекува.
Во 26. коло избраниците на Мартин Алаѓозовски денеска ќе му гостуваат на Башкими во Куманово. АП Брера има позитивни сеќавања од последното гостување на истиот терен, каде пред нешто повеќе од еден месец триумфираше со 0-2, па очекувањата се дека тимот може повторно да стигне до сличен исход.

Тиквеш е во одлична форма под водство на новиот стратег Борче Христов, со низа од пет натпревари без пораз, при што дури четири ги претвори во победи. Воедно, кавадаречкиот тим на домашен терен од паузата наваму, во девет одиграни кола, има претрпено само два порази и тоа од Шкендија и Силекс. Токму во дуелот со кратовци, одигран на први март, решавачки беше погодокот на Мигуел Пиреш за минимални 0-1.
На спротивната страна, Силекс оваа пролет не успева да ја задржи посакуваната константност, со неколку резултати што се сметаат за кикс. Поразот од Работнички, двете ремија со Пелистер, како и нерешениот исход со Башкими, значително го намалија бодовниот ефект на кратовскиот состав.
Двата натпревари се на програмата денеска од 15:00 часот со директен пренос на МРТ2 и МРТ3.

