По вчерашниот натпревар со многу голови одигран во Куманово меѓу Башкими и Тиквеш, кои одиграа одлично второ полувреме со дури четири постигнати голови и конечен резултат 2-2, денеска на програмата од 25. коло се играат два натпревари.
Брера во директен судир со Арсими ќе се обиде да се искачи на позицијата број 7. на која во моментов се наоѓа токму нивниот ривал од Гостивар. Струмичани по двата последователни порази, имаат прилика да го поправат својот учинок и зголемат своите шанси за директен опстанок.
Арсими на овој натпревар ќе влезе мотивирано и амбициозно поради фактот што го победија Вардар во нивниот последен одигран натпревар пред репрезентативната пауза.
Тренерот на Брера, Мартин Алаѓозовски изјави:
„Работевме напорно во текот на репрезентативната пауза и се надеваме дека тоа ќе даде резултат на натпреварите што претстојат. Нѐ очекува важен натпревар против Арсими, а ние се надеваме дека ќе одиграме квалитетно и ќе успееме да ги освоиме бодовите“.

