Бразилската фудбалска конфедерација донесе одлука постепено да го намалува бројот на странски фудбалери кои клубовите можат да ги користат во домашното првенство. Според новите правила, лимитот ќе се намалува од сезона во сезона, па од 2030 година на теренот ќе можат да бидат најмногу пет странци во еден тим.
Промената ќе започне во 2027 година, кога бројката ќе биде ограничена на осум странски играчи, а потоа ќе следи намалување на седум во 2028, шест во 2029 и пет во 2030 година. Целта на мерката е да се отвори поголем простор за младите бразилски фудбалери и на тој начин да се помогне и на националната репрезентација.
Бројот на странци во бразилското првенство значително пораснал во последните години. Во 2022 година биле регистрирани 95, додека во 2025 година бројката достигнала 162.
„Правилото во моментов дозволува премногу странци да играат во бразилското првенство“, изјави извршниот директор на конфедерацијата Хелдер Мелило.
Дополнително, од 2030 година клубовите ќе мораат во своите пошироки состави да имаат најмалку 25 бразилски фудбалери до 23 години. Одлуката била изгласана со убедливо мнозинство – 40 клубови гласале „за“, а само два биле против.

