Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Бразил падна пред незапирливиот Халанд, Норвешка кобна за кариоките! (ВИДЕО)

Норвешка уште еднаш докажа дека е вистински кошмар за Бразил. Со двата гола на незапирливиот Ерлинг Халанд во финишот од мечот, европската селекција го прати петкратниот светски првак дома со победа од 2:1 во осминафиналето на Светското првенство. Со овој триумф, Норвежаните го продолжија неверојатниот историски рекорд, тие сè уште немаат ниту еден пораз од „селесао“, запишувајќи ја третата победа во нивниот петти меѓусебен дуел.

Натпреварот започна со висок интензитет, а Карло Анчелоти постави тактика со која свесно му ја препушти иницијативата на противникот со цел да ја неутрализира нивната опасна транзиција. Уште во 3-та минута Норвешка постигна гол преку Берг, но истиот оправдано беше поништен поради офсајд во кој се најде Александар Серлот. Веќе во 10-та минута Бразил доби златна шанса за водство откако Ајер направи прекршок за пенал над Куња. Одговорноста му беше препуштена на Бруно Гимараеш, но неговиот удар беше спектакуларно одбранет од извонредниот норвешки голман, Орјан Ниланд. До крајот на полувремето двата тима пропуштија по една колосална шанса преку Винисиус Жуниор и Мартин Одегард, но мрежите мируваа благодарение на расположените чувари на мрежите.

Во второто полувреме Анчелоти се обиде да го промени моментумот со внесувањето на младиот Ендрик, кој веднаш се најде во позиција „еден на еден“ по асистенција на Винисиус, но шутираше покрај голот. Бразилците силно притискаа во тие моменти, но Ниланд се претвори во вистински „октопод“ на голот, бранејќи ги опасните удари на Рајан и Гимараеш. Во 68. минута во игра влезе и заздравениот Нејмар, но наместо бразилска доминација, видовме брутален норвешки одговор во режија на младиот Шјелдеруп и Ерлинг Халанд.

Во 79-та минута, по одличен центаршут на Шјелдеруп, Халанд со моќен удар со глава го матираше Алисон за водство од 1:0, постигнувајќи го својот шести гол со кој стана најдобар стрелец за својата земја на Мундијалите. Точка на натпреварот беше ставена во 90-та минута кога, по уште една асистенција на Шјелдеруп, напаѓачот на Манчестер Сити со прецизен приземен удар погоди во самиот агол за огромни 2:0.

Погодокот на Нејмар од пенал во десетата минута од судиското продолжение беше само блага утеха за немоќниот Бразил кој одново елиминацијата ја доживува од европска селекција. Норвешка во четвртфиналето го чека победникот од дуелот меѓу Мексико и Англија.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.