МЗТ Скопје ја задржа својата препознатлива основа и за новата сезона, откако капитенот Дамјан Стојановски и неговиот брат Војдан Стојановски ја продолжија соработката со актуелниот македонски шампион. Со останувањето на искусните репрезентативци, аеродромци испраќаат јасна порака дека и во новата сезона ќе се потпираат на домашното искуство и квалитет. За Дамјан ова ќе биде 14. сезона во дресот на МЗТ Скопје, додека Војдан ќе ја започне својата шеста сезона во клубот.
Покрај продолжувањето на договорите со браќата Стојановски, МЗТ веќе го врати репрезентативецот Лука Стојановски и го ангажираше босанскиот центар Емир Крајиниќ, со што продолжува да го комплетира ростерот за претстојната натпреварувачка година. Актуелниот шампион постепено го гради тимот со кој ќе атакува на нови трофеи во домашното првенство, како и на што подобри резултати во АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.

