Македонски фудбал Фудбал

Божовиќ искрено за работата во Вардар: Како тренер мора да размислуваш за сите… (ВИДЕО)

Вардар влегува во репрезентативната пауза со серија од шест натпревари без пораз, откако по лошиот период со поразите од Шкендија и Струга успеа да ја стабилизира формата. Сепак, нерешените натпревари против Тиквеш и Башкими покажаа дека пред Миодраг Гроф Божовиќ има уште доста работа.

Новиот стратег на „црвено-црните“ во паузата доби можност подетално да работи со фудбалерите кои му се на располагање, но и да постави дел од своите принципи. Божовиќ отворено зборуваше за разликата помеѓу тоа да бидеш играч и тренер, посочувајќи дека втората улога носи многу поголема одговорност.

Според него, тренерот не е одговорен само за играчите и резултатите, туку мора да води сметка за целокупното функционирање на клубот, од соработниците и раководството, па сè до навивачите. Особено интересен е неговиот став за работата со искусни фудбалери. Божовиќ смета дека најголемиот предизвик е да се влијае врз нивниот начин на размислување, бидејќи станува збор за веќе оформени личности со свои навики, ставови и фудбалски погледи.

Токму затоа, според него, работата со млади играчи често е полесна, бидејќи тие сè уште се во процес на учење и полесно ги прифаќаат новите идеи и барања од тренерот. Божовиќ се осврна и на тактичкиот аспект, нагласувајќи дека нема една универзална поставеност која може да се примени во секој натпревар. Начинот на игра, како што вели, мора да се прилагодува на квалитетот и карактеристиките на фудбалерите кои ги има во тимот, но и на противникот. За српскиот тренер ова е нов предизвик, но и можност постепено да го наметне својот начин на работа во актуелниот македонски шампион.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.