Македонската фудбалска репрезентација има негатива од 0-1 против Шкотска по првите 45 минути од дуелот во Скопје, во рамките од третото коло во Б-лигата на нации. Нашиот национален тим одигра разочарувачки прв дел, во кој практично не успеа да создаде сериозна закана пред противничкиот гол. Шкотска, од друга страна, беше поконкретна и покрај водството имаше уште неколку ситуации преку кои можеше да стигне до поубедлива предност.
Првата посериозна можност ја имаа гостите во петтата минута. Робертсон шутираше од околу 16 метри, но Столе Димитриевски добро интервенираше и спречи рано водство. Сепак, само две минути подоцна македонската одбрана повторно беше ставена на тест, а овојпат немаше спас. Кирон Боуви доби простор за удар од дистанција и со прецизен шут го совлада Димитриевски за 0-1.
По примениот гол Македонија тешко воспоставуваше контрола врз играта, додека Шкотите делуваа посигурно и почесто се закануваа. Нашата репрезентација во првото полувреме остана без ниту еден директен удар кон голот на гостите. Незадоволен од случувањата на теренот, селекторот Гоце Седлоски реагираше уште пред паузата. Во 30. минута направи двојна промена, кога Херера и Станковски го напуштија теренот, а на нивно место влегоа Атанасов и Џеков.
До крајот на полувремето резултатот не се промени. Македонија ќе мора значително да го подигне нивото во продолжението доколку сака да се врати во натпреварот.




